Османи: Мапирни се сите наши граѓани во Украина
Министерот за надворешни работи Бујар Османи изјави денеска дека можноста за ескалација на состојбата во Украина е се поприсутна.
„Мапирни се сите наши граѓани во Украина и Амбасадата во Киев ги има контактирано. Семејствата на дипломатите се вратени, а дипломатите остануваат таму и обезбедени се услови за функционирање на амбасадата во наредните три месеци“, изјави Османи денеска на прес-конференција за ситуацијата во земјата.
Османи посочи дека 12 луѓе веќе ја информирале амбасада дека се вратиле во државата. Тој додаде и дека минатата недела пуштиле апел да се користат се уште присутните комерцијални летови за да може да се вратат во Скопје. Според Османи, останува отворено прашањето за нашите 30 набљудувачи во рамки на мисијата на ОБСЕ.
Вонреден состанок на ОБСЕ за Украина
Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) денеска ќе одржи вонреден состанок на постојаните претставници за да се обиде да најде решение за украинската криза. Пред една недела Украина побара разговори со Русија и членките на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, на кои ќе се разговара за зајакнување на руската армија во близина на Украина и во рамките на Крим. ОБСЕ распореди набљудувачка мисија во Украина во 2014 година, по руската анексија на Крим и почетокот на судирите меѓу силите во Киев и проруските сепаратисти во источна Украина.