Отворена истрага и барање за притвор за висок функционер во Влада
Висок функционер во Владата е осомничен за злоупотреба на службена должност. Јавното обвинителство во соопштение изутрината посочи дека е издадена наредба за истрага против двајца хрватски државјани и еден македонски висок функционер во Владата на РСМ кој е првоосомничен и дека за нив од судот побарало да им изрече мерка притвор. Владиниот функционер е осомничен за злоупотреба на службена должност при што е направена штета во буџетот за речиси 800 илјади евра.
„Во периодот од април 2021 година до јануари 2022 година, со искористување на својата службена положба, првоосомничениот без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице, во што, со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани“ се вели во соопштението на обвинителството
Со тие активности осомничените направиле штета на буџетот во вредност од 795 илјади евра.
„Ценејќи дека постои реална опасност осомничените да се дадат во бегство, дотолку повеќе што двајца се странски државјани, ако се има предвид кривичното дело што им се става на товар, како и опасност доколку осомничените се бранат од слобода да ги уништат трагите или да влијаат врз потенцијалните сведоци или да го повторат делото, јавниот обвинител до Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ќе поднесе предлог за определување на мерка притвор за тројцата осомничени“ се вели во соопштението на јавното обвинителство.