Јужна Кореја и САД ја започнаа најголемата заедничка воена вежба во последните години
Јужна Кореја и Соединетите држави денеска ја започнаа најголемата заедничка воена вежба во последните години, чија цел, како што се наведува, е зајакнување на одбранбената позиција против заканите од нуклеарно оружје на Северна Кореја. Вежбата „Штитот на слободата“, која се одржува во Јужна Кореја, ќе трае до 1 септември, а вклучува маневри на теренот со авиони, воени бродови, тенкови и потенцијално десетици илјади војници. За време на вежбата, која започна во врска со четиридневната програма за обука на цивилната одбрана на Јужна Кореја, ќе се вршат симулации на заеднички напади, снабдување со оружје и гориво на линијата на фронтот и отстранување на оружје за масовно уништување.
Северна Кореја истрела две ракети од градот Ончон на западниот брег
Вежбата ја нагласува посветеноста на Вашингтон и Сеул за обновување на заедничките обуки од големи размери, по откажувањето на некои од нивните редовни вежби во последните години и сведувањето на заедничката обука на компјутерски симулации, за да се создаде простор за дипломатија со Северна Кореја. Тензиите на Корејскиот полуостров се зголемија откако разговорите меѓу САД и Северна Кореја за нуклеарното оружје заглавија на почетокот на 2019 година.