Пендаровски на дипломатскиот дијалог за Западен Балкан дел од Светскиот економски форум во Давос
Предизвиците со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан, одржување на стабилноста, создавање на услови за поттикнување на економски раст и неопходноста за решавање на замрзнати спорови, се дел од темите на кои дискутираа лидерите од земјите учесници на Светскиот економски форум во Давос на сесијата посветена на дипломатскиот дијалог посветен на Западен Балкан.
Во соопштението од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски кој е учесник на форумот во Давос, се наведува дека имајќи го предвид новиот геополитички контекст, лидерите на сесијата ги изнесоа своите ставови околу улогата на Европската Унија на Западен Балкан и разменија и мислења околу можностите за изнаоѓање на нови платформи за промовирање на дијалогот и јакнење на меѓународните партнерства.
Покрај претседателот Пендаровски на панелот посветен на Западен Балкан учествуваа и српскиот претседател Александар Вучиќ, премиерите на Албанија, Хрватска, Косово и Црна Гора, сојузниот министер за европски и меѓународни прашања на Австрија, Александер Шаленберг и министри од Чешка, Словенија, специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан и дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак и претставници на УНДП и Европската банка за реконструкција и развој, ЕБРД.