Пакистанската полиција не успеа да го уапси поранешниот премиер Имран Кан
Полицијата од главниот град на Пакистан, Исламабад, денеска соопшти дека полициски тим отпатувал во градот Лахоре да го уапси поранешниот премиер Имран Кан, но бил спречен зашто резиденцијата на 70-годишниот Кан била опкружена со негови поддржувачи.
Поранешниот премиер се соочува со повеќе правни предизвици.
Судот издаде налог за приведување на 28 февруари во случај поврзан со државни подароци и наводно прикривање имот од продажба на државни подароци.
Отворањето на овој случај, но и другите обвиненија, меѓу кои и за наводна поврзаност со тероризам и обид за убиство на политички противник, ја поделија јавноста. Кан и неговите поддржувачи тврдат дека се работи за политички мотивирани случаи.
Полицијата од Исламабад, додека траеше обидот за приведување, на Твитер соопшти дека „сите операции се завршени во соработка со полицијата од Лахоре“.
„Ќе бидат преземени правни мерки против оние коишто го попречуваат извршувањето на судските наредби“, соопшти полицијата.
„Полицијата од Исламабад ќе ги пренесе Имран Кан во Исламабад под нивна заштита. Законот важи еднакво за сите“, напишаа тие.
Новинските агенции пренесоа дека обидот за приведување првично не успеал.
Поранешната крикет ѕвезда Кан е на чело на партијата Техрик-е Инсаф, а ја предводеше пакистанската влада од 2018 до 2022 година.
Тој привлече десетици илјади приврзаници на неодамнешните протести против владата на неговиот наследник Шехбаз Шариф, која е под силен финансиски притисок што може да доведе до банкрот во оваа јужноазиска држава.
Коалициската влада на Шариф го отвори случајот со подароци против Кан во август 2022 година. Тие го обвинија дека не ги пријавил подароците и парите што ги добил од нивна продажба додека бил на функција.
Пакистанската изборна комисија во октомври го дисквалификува Кан од Народното собрание поради тоа што дал „лажни информации“ за неговиот имот.
Кан реагираше дека обвиненијата се „неосновани“ и дека се прават заради „политичка одмазда“.
Кан, чие место во Народното собрание, односно Долниот дом на Парламентот, остана празно, беше соборен во април 2022 година, кога Парламентот му изгласа недоверба.
Тој го обвини Шариф дека направил заговор со САД за да го соборат. Вашингтон ги отфрли овие обвинувања, а Кан не приложи никакви докази за да ги поткрепи.
Кан беше застрелан во нога на протестниот собир на 3 ноември, додека го предводеше маршот со барање за предвремени избори.