Вучиќ и Курти пристигнаа во Вилата Билјана во Охрид
Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти утрово пристигнаа во комплексот „Билјана“ во Охрид, каде денеска треба да продолжи дијалогот меѓу Белград и Приштина за нормализација на односите, што се одржува по покровителство на ЕУ, а чиј домаќин е премиерот Димитар Ковачевски.
Денешните разговори, на кои ќе присуствуваат и високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел и специјалниот пратеник на Унијата за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, се продолжение на дискусијата од 27 февруари во Брисел на која беше договорен текстот на првичниот план за нормализација на односите меѓу двете земји.
Од 2011 година Србија и Косово се ангажирани во дијалогот инициран и предводен од Брисел. Во 2013 година тогашните премиери на двете земји, Ивица Дачиќ и Хашим Тачи, го постигнаа т.н. Бриселски договор, но многу елементи од него останаа неимплементирани до денес.
Според најавената агенда на разговорите во Охрид, прво се предвидени одвоени средби на Борел и Лајчак со двете делегации, а потоа е предвидена и заедничка средба. По завршувањето на средбите во вилите „Билјана“ и „Охрид“, најавено е обраќање на Борел пред медиумите.
Средби со Борел и со Лајчак ќе има и премиерот Ковачески, а најавени се и тет-а-тет средби со Вучиќ и Курти.
Инаку, за средбата има голем интерес кај медиумите од регионот и од целиот свет, со акредитирани 230 новинари и сниматели од бројни медиумски куќи.
За време на одржувањето на состанокот на подрачјето на Охрид на сила ќе бидат соодветни безбедносни мерки, со физичко и сообраќајно обезбедување на сообраќајниците и други објекти.