МОН почнува кампања против училишното насилство
Министерството за образование и наука почнува кампања за подигнување на свеста кај младите за мир, ненасилно и толерантно однесување во и надвор од училиштата.
„Ќе се обидеме да допреме до сите, до учениците, наставниците и другите вработени во училиштата, родителите и старателите, да укажеме дека важен е придонесот на секој од нас во остварувањето на целта. Неопходно е да се даде предност на вербалниот дијалог помеѓу учениците и на мирното решавање конфликти. Да ја зголемиме свесноста за последиците од евентуално девијантно однесување, кои видовме дека можат да бидат катастрофални“, се наведува во соопштението од МОН.
Оттаму упатуваат апел до сите граѓани, доколку биде забележан било каков облик на насилно однесување во училиштата, да биде пријавен на електронската адреса prijavinasilstvo@mon.gov.mk, односно paraqitdhune@mon.gov.mk, или пак до стручните служби во училиштата, со цел навремено да се реагира и да е спречат посериозни инциденти и последици.
Министерството веќе изработува протоколи и насоки за стручните служби на училиштата и наставниците, поврзани со употребата на социјалните мрежи во училишна средина, а како што претходно изјави министерот Шаќири причина се случувањата во соседна Србија со цел намалување на сите можни ризици и закани за безбедноста на учениците и наставниците во училишна средина
Минатата недела 13-годишен ученик од основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград уби осум ученици и еден работник од обезбедувањето во тоа училиште, а повреди уште шест ученици и еден наставник.