Здравствените работници ќе добијат повисоки плати
Здравствените работници ќе добијат повисоки плати. Владата попладнево донесе одлука со која го овласти министерот за здравство да го потпише анексот за изменување и дополнување на Колективниот договор за здравствената дејност на Република Северна Македонија, со којшто се врши зголемување на платите на вработените во јавните установи во здравството, почнувајќи со исплатата за плата за март годинава.
„Министерот за здравство ќе го потпише анексот со репрезентативниот Самостоен синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на Република Северна Македонија, со што се овозможува зголемување на платите на вработените во јавните установи во здравството. Според образложението од Министерството за здравство, покачувањата од 3000 денари, 2500 денари или 2000 денари се однесуваат на сите вработени во јавните здравствени установи“, соопшти владината прес-служба.
Владата ги овласти и директорите, односно в.д. директорите на јавните здравствени установи, да ги потпишат поединечните колективни договори, со коишто се врши зголемување на платите на вработените во јавните установи во здравството, почнувајќи со исплатата за плата за месец март годинава.
До ова доаѓа откако здравстените синдикати неодамна алармираа дека е неизвесно покачувањето на платите на здравствените работници затоа што не бил потпишан анексот на колективниот договор, со кој треба да се реализира покачувањето на платите. Тие информираа дека во здравството се случува таканаречен бел или тивок штрајк, кој значи демотивираност на вработените,а не ја исклучија и можноста од генерален штрајк ако не го добијат бараното зголемување на платите.