Полиција проверувала кој се шетал низ канцелариите во Судски совет
Полицијата проверувала безбедносни камери во Судскиот совет откако дел од членовите изразиле сомнежи дека некој без дозвола им влегувал по канцелариите. Новиот претседател на судскиот совет Сашко Георгиев денеска во изјава за медиумите посочи дека на колегиум одлучиле да се расчистат сомнежите кои, како што вели тој, се нечии индивидуални видувања.
„На работен колегиум дискутиравме во врска со тоа дека имало индивидуални видувања на некои од колегите во врска со некакви сомнежи за влегување во канцеларија или слично, тоа се нивни лични видувања. По дискусијата, на колегиум донесовме одлука дека во целата ситуација, штом имаме такви сомнежи, редно е да се испита тоа за да знаеме каква е состојбата“, одговори Георгиев на новинарското прашање.
Георгиев во изјавата за медиумите одговараше во множина, а на дополнително прашање дали тоа значи дека повеќе членови имаат такви сомнежи, претседателот не посочи детали.
„Па, добро сега, видете, тоа е сепак работен колегиум, дали еден или повеќе… Доволно е некогаш и еден за да ги отстраниме таквите сомнежи“, изјави Георгиев.
Во однос на наводите во дел од медиумите за преставки за корумптивни судии за кои Советот заседавал, Георгиев изјави дека таквите преставки се проследуваат до Обвинителството.
„Вообичаено, кога има такви претставки ги проследуваме до Обвинителството и кога потоа, по нивно постапување добиваме одговор што презеле, дали презеле нешто конкретно или евентуално по нивното испитување ги затвараат таквите случаи, тоа е вообичаено“, изјави тој.
Во делот на постапката за избор на нов заменик рече дека ќе се врши согласно новиот Закон за Судски совет.