Лајчак и Ескобар во Приштина и Белград
Специјалниот претставник на Европската унија за дијалог, Мирослав Лајчак и американскиот претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар на 5 и 6 јуни ќе бидат во официјална посета на Приштина и потоа Белград. Целта на посетата е да се потврдат барањата на Брисел и Вашингтон до Косово и Србија за итно смирување на тензиите на севереот на Косово, потврди портпаролот на ЕУ, Петер Стано.
„Лајчак и Ескобар ќе ги пренесат европските и американските повици до Србија и Косово веднаш да ја деескалираат ситуацијата и да преземат чекори кои обезбедуваат одржливи решенија. Платформата за одржливи решенија и потрага по одржливи решенија е дијалог кој и помага на ЕУ“, изјави портпаролот Стано за новинарите.
Европскиот и американскиот претставник во понеделник ќе престојуваат во Приштина, а во вторник во Белград.
Посетата се случува откако новоизбраните градоначалници на Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ со помош на полицијата на 26 мај влегоа во општинските згради.
Станува збор за општини со мнозинско српско население кои ги бојкотираа локалните избори на 23 април, кога на чело на овие општини беа избрани косовските Албанци.
На 29 мај протестот на локалното српско население, кое се противеше на влегувањето на овие градоначалници во општинските објекти, прерасна во судири меѓу членовите на Мисијата на НАТО на Косово (КФОР) и демонстрантите. За време на немирите беа повредени 30 припадници на мировните сили и 52 лица од српска националност.
Поради насилството НАТО испрати дополнителни 700 војници на Косово, со што го зголеми досегашниот број од 4 илјади војници кои се веќе во земјата.
Стано потврди дека постои подготвеноста за нова средба меѓу претседателот на Србија Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, но „кога ќе се исполнат условите и кога и двајцата ќе се договорат“. Сепак, Стано оцени дека во моментов најважна е деескалација на теренот.
Во соопштението од 3 јуни, Европската унија официјално побара Косово веднаш да ги прекине полициските операции во близина на општинските згради на северот на Косово, да распише привремени избори за четири општини на северот на земјата и да обезбеди учество на косовските Срби на овие избори.
„Неуспехот да се смири ситуацијата на северот на Косово ќе има негативни последици и Европската унија е подготвена да спроведе решителни мерки во оваа прилика“, се вели во соопштението на 27-те земји-членки на ЕУ.