Иран повторно ќе отвори амбасада во Саудиска Арабија
Иран повторно ќе ја отвори својата амбасада во главниот град на Саудиска Арабија на 6 јуни, изјавија ирански извори за полуофицијалната новинска агенција Фарс. До ова доаѓа откако пред неколку месеци Техеран и Ријад се договорија да стават крај на долгогодишното непријателство.
Во март, Иран и Саудиска Арабија се согласија да ги обноват односите по долгогодишно непријателство меѓу регионалните ривали кои ја загрозија стабилноста и безбедноста на Блискиот Исток и помогнаа да ги поттикнат регионалните конфликти од Јемен до Сирија.
Иран на 24 мај назначи амбасадор во Саудиска Арабија, тоа е Алиреза Енајати, кој претходно беше амбасадор на Иран во Кувајт, помошник-министер за надворешни работи и главен директор за прашања на Персискиот залив во Министерството за надворешни работи.
Саудиска Арабија ги прекина односите со Иран во 2016 година, откако нејзината амбасада во Техеран беше нападната за време на спорот меѓу двете земји околу егзекуцијата на шиитски имам од страна на Ријад.