Бразил објави план за запирање на уништувањето на шумите во Амазон
Бразилската влада ги објави плановите за ставање крај на уништувањето на шумите во Амазон до 2030 година со зголемена олициска помош и други мерки против еколошките злосторства во најголемата тропска прашума во светот.
За време на поранешниот десничарски претседател Жаир Болсонаро, Бразил се приклучи на пактот од 2021 година во кој повеќе од 140 земји се обврзаа на глобално запирање на уништувањето на шумите до 2030 година. Левичарскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва, кој го наследи Болсонаро, го направи тоа централна точка на неговата еколошка политика.
Акцискиот план за спречување и контрола на уништувањето на шумите во Амазон ги усогласува политиките на повеќе од десетина министерства до крајот на мандатот на Лула да Силва во 2027 година.
Тој повикува на зголемена употреба на разузнавачки и сателитски снимки за следење на криминалните активности, регулирање на сопственоста на земјиштето и употреба на рурален регистар за следење на правилното управување со шумите, кои се сметаат за витални за забавување на глобалните промени.
Меѓу активностите што треба да се спроведат, властите ќе ги вкрстат информациите од финансискиот систем со руралниот регистар и другите бази на податоци и сателитски снимки за да се искорени нелегалната сеча и сточарството.
Финансиското разузнавање може да укаже на движењето на готовината што се користи за плаќање на опрема како што се моторни пили за сеча или багери за нелегално ископување злато.
Планот, исто така, има за цел да развие зелена економија за да го задржи Амазон без сеча, што ќе вклучува сертификати за шумски производи, техничка помош за производителите, комисии за инфраструктура, енергија и интернет конекција, како и стимулации за екотуризам.