Оставки во Судски совет
Членовите на Судскиот совет Мирјана Радевска - Стефкова и Зоран Герасимовски поднесоа оставки од функциите, потврдија за МИА од Судскиот совет.
Апелациониот судија Зоран Герасимовски и врховната судијка Мирјана Радевска - Стефкова беа избрани за членови на Советот на непосредни избори, од редот на судиите.
Оставките се депонирани денеска во архивата на Судскиот совет, а причините засега се непознати.
Случувањата во Судскиот совет во последните месеци се тема на загриженост и од меѓународни и од домашни институции. Сериозни критики за правосудниот систем упати и холандскиот амбасадор во Скопје Дирк Јан Коп во интервју за Радио Слободна Европа каде посочи дека е ставен во „мирување “ голем проект финансиран од Холандија, осветен на зајакнување на ефикасноста, отчетноста и транспарентноста на Судскиот совет.
За помалку од пет месеци, две претседателки на Судскиот совет беа сменети, што предизвика сериозна загриженост за независноста на судството во Северна Македонија. И двете обвинија дека причина за нивната смена е политички интерес.