Романски инфлуенсер под истрага за трговија со луѓе
Романските обвинители на 13 јуни соопштија дека инфлуенсерот на социјалните мрежи Ендру Тејт, неговиот брат Тристан и уште двајца осомничени се под истрага за „трговија со луѓе во континуирана форма“. Романското Обвинителство тврди дека станува збор за потешко кривично дело кое опфаќа силување, сексуална експлоатација на жени и трговија со луѓе.
Обвинителите поднесоа обвиненија против четворицата осомничени, но случајот е под истрага и сè уште не е изведен пред судот. Се очекува обвинителниот акт да биде доставен до судот до крајот на месецов.
Осомничените беа задржани во полициски притвор од 29 декември до 31 март, по што судот во Букурешт им одреди домашен притвор.
Во вторникот, романската единица за гонење на организиран криминал ги извести браќата Тејт дека се обвинети за континуирана форма на трговија со луѓе. Според романскиот закон, трговијата со возрасни носи затворска казна до 10 години.
Обвинителите отвориле и посебна кривична истрага против маж близок до браќата Тејт за организирање на криминална група за сексуална експлоатација на седум жени. Според истрагата осомничени ги регрутирале нивните наводни жртви заведувајќи ги и лажно тврдејќи дека сакаат врска или брак. Жртвите потоа биле принудени да произведуваат порнографска содржина за социјалните мрежи, при што осомничените го задржувале најголемиот дел од добивката.