Американската амбасадорка во НАТО повика на враќање на дијалогот меѓу Србија и Косово
Дијалогот со посредништво на Европската унија е единствен пат напред за Србија и Косово, изјави американската амбасадорка во НАТО, Џулијан Смит, одговарајќи на новинарско прашање на онлајн конференцијата за медиуми, која се одржа на 14 јуни. Таа изјави дека НАТО сојузниците „со голем интерес и одредена доза на загриженост“ ги следат случувањата на Косово.
„Итни мерки од двете страни со цел деескалација на односите се број еден. Ние веруваме дека сторителите на насилството треба да одговараат со целосно почитување на пропишаните процедури и целосно транспарентно“, истакна Смит.
Таа потсети дека Соединетите Држави го охрабруваат косовскиот премиер Албин Курти и неговата влада да обезбедат избраните градоначалници да ги извршуваат своите задачи од алтернативни локации.
„Исто така, ги охрабруваме да го повлечат своите полициски сили од локациите во близина на општинската зграда“, наведе Смит и додаде дека САД ги поздравуваат одлуките на Србија да ја намалат борбената готовност и бројот на своите војници во близина на границата со Косово.
Тензиите на северот на Косово пораснаа кон крајот на мај, кога косовската полиција ги внесе новите градоначалници од албанска националност во општинската зграда. После тоа, следуваа протести на Србите на северот на Косово, а дојде и до инциденти во Звечан, каде беа повредени поголем број на војници на КФОР.