Ковачевски: Јас му подадов рака на ВМРО-ДПМНЕ за обединување
Премиерот Димитар Ковачевски денеска, 16 јуни, изјави дека уставните измени се регулирани согласно законската процедура и дека тие во моментов се наоѓаат во работните тела на Владата. Штом ќе биде завршено нивното финализирање и формализирање од технички аспект и содржински ќе бидат доставени до Парламентот каде што ќе отпочне процедурата.
„Лидерската средба беше свикана од моја страна навистина со добра волја и со цел да изнајдеме заеднички јазик, обединето да ја донесеме оваа одлука. Бидејќи и за ВМРО – ДПМНЕ не е лесно, како голема партија во државата, опозициска партија, да не поддржи ниту една одлука стратешка за државата. Сметам дека подавањето на рака за едно такво обединување е вистинскиот чекор“, изјави премиерот во интервју за Канал 5.
Тој додаде дека „подавањето на рака за едно такво обединување е вистинскиот чекор“ и дека се надева оти најголемата опозициска партија ќе ги поддржи уставните измени и европскиот пат на Македонија.
Претходно, опозицискиот лидер, Христијан Мицкоски, уште еднаш го повика Ковачевски на ТВ дуел за уставните измени.