Во јужен Бразил циклон остави 11 мртви и 20 исчезнати
Најмалку 11 лица загинаа, а 20 се водат како исчезнати откако циклон го зафати јужниот дел на Бразил, соопштија локалните власти во саботата.
„Според управата за заштита и цивилна одбрана, 11 лица загинаа од последиците на циклонот“, се вели во соопштението на владата на државата Рио Гранде до Сул, која граничи со Аргентина и Уругвај.
Вкупно 2.330 луѓе останаа со оштетени куќи, а 602 се евакуирани од загрозените подрачја поради минувањето на циклонот меѓу четвртокот и петокот.
Гувернерот на Рио Гранде до Сул, Едуардо Леите, ги посети најтешко погодените области со хеликоптер во саботата заедно со владините и спасувачките службеници.
Во Кара, еден од најтешко погодените градови, гувернерот посети центар на заедницата што се користеше за засолниште на стотици луѓе чии домови беа оштетени од невремето.
„Ситуацијата во Кара длабоко не загрижува. Неопходно е да можеме, на интегриран начин, брзо да ги мапираме главните погодени области и да ги идентификуваме луѓето на кои им е потребна поддршка“, изјави гувернерот.
Пожарникарите спасиле околу 2.400 луѓе во изминатите два дена.
Бразил во последните години беше погоден од серија смртоносни временски катастрофи, за кои експертите велат дека се влошуваат поради климатските промени.
Најмалку 65 луѓе загинаа во февруари кога поројните дождови предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето во југоисточната држава Сао Паоло.