Едно лице загина, 160 се повредени во експлозија во Ташкент
Најмалку 24 лица се во критична состојба на единиците за интензивна нега во локалните болници, јавува узбекистанскиот сервис на РСЕ.
Силната експлозија, која се случила околу 3 часот по полноќ во областа Сергели во главниот град на Узбекистан, била придружена со голем пожар.
Министерството за одбрана соопшти дека околу 1 000 војници биле вклучени во санирањето на последиците од инцидентот. Властите отворија истрага за причините за експлозијата што го погоди магацинот на Интер Логистик.
Експлозијата, наводно, искршила прозорци во блиските станбени блокови, продавници и други згради. Узбекистанската национална новинска агенција UzA објави дека и покрај експлозијата, меѓународниот аеродром Ислам Каримов, најголемиот во Узбекистан, работи нормално.
Пожарите предизвикани од застарена опрема и непочитување на безбедносните стандарди се редовна појава во Узбекистан.
Вршителот на должноста градоначалник на Ташкент, Шавкат Умурзаков, вети дека во рок од два до три дена градот ќе ги обештети оние чии куќи беа оштетени од експлозијата.
