ОН ги осуди израелските напади врз бегалскиот камп во Газа
Обединетите нации на 1 ноември ги осудија нападите врз најголемиот бегалски камп во Газа, во кои загинаа голем број луѓе.
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш „е згрозен од ескалацијата на насилството во Газа“, изјави неговиот портпарол Стефан Дужарик, јавува агенцијата Франс прес (АФП).
Ова го вклучува „убиството на Палестинци, вклучително и жени и деца во израелските воздушни напади во станбените области на густо населениот бегалски камп Џабалија“, рече Дужарик.
Во нападот на 31 октомври врз кампот загинаа најмалку 47 лица, соопшти Хамас. Израел рече дека нападите биле насочени кон командант на Хамас вклучен во нападите на 7 октомври и дека командантот бил меѓу загинатите.
Министерството за здравство на Газа, управувано од Хамас, соопшти дека во вториот израелски бомбашки напад на 1 ноември, загинале или се ранети десетици луѓе.
Дужарик рече дека генералниот секретар повторил дека сите страни „мора да го почитуваат меѓународното хуманитарно право, вклучувајќи ги принципите на дистинкција, пропорционалност и претпазливост“.
Тој, исто така, ги повика „да стават крај на ова шокантно насилство, болка и страдање“.
Израел го затвори Појасот Газа и започна со воздушни напади на густо населената територија, откако борците на Хамас извршија терористички напад врз Израел на 7 октомври, при што загинаа над 1.400 луѓе.
Министерството за здравство предводено од Хамас во Газа соопшти дека 8.796 лица се убиени во Газа од почетокот на војната, а 22.219 се повредени.