Поднесено обвинение за нападот на екипа на ТВ Алсат во Стара чаршија
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против 53 годишен човек кој на 21 август пред берберница во Старата скопска чаршија, малтретирал, грубо навредувал и насилнички се однесувал кон новинарска екипа на ТВ Алсат и предизвикал чувство на вознемиреност и страв кај сведоци на настанот.
Тој е обвинет за кривично дело – Насилство според член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Обвинителството соопшти дека човекот прво гласно ги пцуел двете новинарки и снимателот кои снимале за потребите на телевизијата, а потоа влегол во берберницата зел ножици, по што се вратил и директно им се заканил дека ќе ги убие.
„Тие започнале да се повлекуваат на друга локација, но во тој момент обвинетиот му пришол од зад грб на снимателот и го удрил со тупаници по главата. Оштетениот во прв момент изгубил рамнотежа од ударот и ја спуштил камерата. Потоа се исправил и започнал да се брани од ударите на обвинетиот. Наскоро интервенирале и други граѓани за да го спречат натамошното насилство и го одвлекле обвинетиот во берберницата“, посочуваат од Обвинителството.
Како што се наведува, од поведувањето на постапката за осомничениот на сила се мерки на претпазливост, односно му е одземен пасошот.
Новинарските и медиумските здруженија и организации по нападот испратија соопштенија со осуди, велејќи дека сите видови напади врз медиумските работници се апсолутно неприфатливи.
Со измени на Кривичниот законик, од годинава, напад врз новинар за време на извршување на работни задачи ќе се третира како напад врз службено лице.