СЗО: Повеќе од половина од болниците во Газа не работат
Светската здравствена организација (СЗО) денеска соопшти дека 20 од вкупно 36 болници во Газа повеќе не работат, вклучувајќи ја и детската болница која престана да работи по израелскиот напад во областа.
Портпаролката на СЗО, Маргарет Харис, денеска изјави дека болницата Рантиси на северот повеќе не работи, но, не е јасно што се случило со пациентите.
Палестинското Министерство за здравство претходно соопшти дека израелските сили синоќа погодиле област во близина на Медицинскиот комплекс Шифа, најголемата болница во Газа, при што загинале шест Палестинци, а областите во близина на неколку други болници, вклучувајќи ја и болницата Рантиси, биле бомбардирани.
Харис вели дека некои од децата се на дијализа или на апарати за одржување и не можат безбедно да се евакуираат. Таа рече дека „болниците никогаш не треба да бидат цел“.
„Катастрофа по јавното здравје“ е неизбежна во Газа поради пренаселеноста, масовното раселување и оштетувањето на инфраструктурата, реагираше на 31 октомври Светската здравствена организација.