САД ја означи екстремната десничарска мрежа „Терорграм“ како терористичка група
Американскиот Стејт департмент во соопштението наведе дека групата, која првенствено функционира на социјалната мрежа Телеграм, и тројца нејзини лидери – од Хрватска, Јужна Африка и Бразил – се обележани како специјално означени глобални терористи.
Стејт департментот соопшти дека таа група мотивирала и овозможила напади и обиди за напади, вклучително и вооружен инцидент во 2022 година пред ЛГБТК бар во Словачка, планиран напад на енергетски објекти во Њу Џерси во 2024 година и напад со нож во август во џамија во Турција.
„Групата промовира насилна надмоќ на белците, поттикнува напади против перцепирани противници и обезбедува упатства и инструкциски материјали за тактиките, методите и целите на нападите, вклучително и критичната инфраструктура и владините службеници“, соопшти Стејт департментот.
Мерките на Стејт департментот ги замрзнуваат средствата на групата во САД и им забрануваат на Американците да имаат односи со неа.
Сиро Даниел Амприм Фереира од Бразил, кој е администратор на каналот „Терорграм“, Ноа Ликул од Хрватска и Хендри-Вал Мулер од Јужна Африка, кој е исто така администратор на каналот, се идентификувани како лидери на групата.
Во септември, американските обвинители пондесоа кривични пријави против двајца од наводните водачи на групата, тврдејќи дека користеле Телеграм за поттикнување напади врз афро-американци, Евреи, ЛГБТК луѓето и имигранти со цел да поттикнат расна војна.
Велика Британија во април објави дека ќе ја забрани групата „Терорграм“ како терористичка организација, што значи дека членството во групата или нејзиното промовирање би станало кривично дело во таа земја.
Американскиот претседател Џо Бајден, кој ја критикуваше идејата дека белата раса има надмоќ во однос на другите, ја започна првата национална стратегија за борба против домашниот тероризам во 2021 година. Ова вклучи ресурси за идентификување и кривично гонење на заканите и нови средства за одвраќање за да се спречи Американците да им се придружат на опасните групи.
Извор: Ројтерс