Минатата недела пријавени еден смртен случај поврзан со грип и 2347 заболени
Во текот на минатата недела (до 9 март) биле пријавени еден смртен случај поврзан со грип и 2347 заболени лица, соопшти Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Бројот на нови пријавени случаи е помал за 8,6 проценти во споредба со неделата претходно, но во споредба со истиот период лани е зголемен за дури 5,5 пати.
Од новозаболените, 1.454 се во возрасната група од 15 до 16 години. 516 се деца на возраст од 5 до 14 години, а 198 се лица на 65-годишна возраст.
Меѓу заболените се и 179 деца под 4 години.
Најголем дел од случаите се на подрачјето на Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) во Скопје – 931, потоа во ЦЈЗ Битола – 202, ЦЈЗ Куманово – 176, ЦЈЗ Струмица – 112, ЦЈЗ Тетово – 105 и др.
Починатото лице, кое е случај поврзан со грип, како што соопштија од ИЈЗ, било на 82-годишна возраст од Радовиш, кое било хоспитализирано во Клиничката болница Штип.
„Кај починатото лице е утврдено присуство на коморбидитети и не било вакцинирано со вакцина против сезонски грип“, велат од ИЈЗ.
Според податоците на здравствените власти, во сезоната 2024-2025 вкупниот број на случаи со грип изнесува 22 291. Досега регистрирани се четири починати лица.