Осомничениот за убиството во старата скопска чаршија е уапсен во Косово, почнува постапка за екстрадиција
Осомничениот за убиството на 22-годишниот турски државјанин Ахмет Мерт Доган пред угостителски објект во Старата скопска чаршија за време на новогодишната ноќ е уапсен во Косово и е почната постапка за негова екстрадиција.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека врз основа на обезбедени докази, денеска поднело кривична пријава против М.Т. (25) од Република Турција со престојувалиште во Тетово осомничен за две кривични дела – „убиство“ и „убиство во обид“.
Тој е осомничен дека, во расправија, со нож го убил Ахмет Мерт Доган и го повредил и сонародникот Ч.Е. (23) и потоа избегал. Убиениот бил со престојувалиште во Скопје, а повредениот бил жител на германскиот град Есен.
Настанот е расчистен со докази обезбедени од Единицата за насилен криминал, Одделение за крвни деликти при СВР Скопје, врз основа на наредби од јавен обвинител.
„М.Т. на критичната ноќ во кафе-бар во чаршијата започнал расправија со А.М.Д. и Ч.Е., по што двајцата оштетени заедно со други лица заминале кон плоштадот. Меѓутоа, бидејќи не успеале да најдат такси, повторно се вратиле кон чаршијата и поминале во близина на истиот кафе-бар. При повторна средба со осомничениот, расправијата продолжила, а М.Т. извадил нож со кој му нанел четири удари во градниот кош и срцето на оштетениот А.М.Д., кој починал на лице место. Со еден удар му нанел телесна повреда – убодна рана во грбот и на Ч.Е., со намера и него да го лиши од живот, по што побегнал од местото на настанот“, соопштија МВР и државното Јавно обвинителство.
Вчера јавен обвинител наредил обдукција на починатиот, биле подигнати траги за вештачење, извршени разговори со повеќе лица и обезбедени снимки од видеонадзорот со што бил идентификуван осомничениот.
По преземени оперативно-тактички мерки од страна на органите на прогонот, биле добиени сознанија дека осомничениот М.Т. се наоѓа во Косово, каде што од косовските власти е лишен од слобода.
Основното јавно обвинителство Скопје наредило да се спроведе истражна постапка против турскиот државјанин осомничен за двете кривични дела.
„Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор во отсуство врз основа на кој веднаш ќе биде иницирана постапка за екстрадиција“, соопшти државното Обвинителство.
