Отворена истрага против сопствениците и менаџерите на клубот во Кран-Монтана
Двајцата сопственици и менаџерите на ноќниот клуб во Кран-Монтана, во кој избувна пожар, се осомничени под кривична истрага поради сомнение за сторени кривични дела, вклучително и убиство од небрежност.
„Тие се обвинети за убиство од небрежност, предизвикување телесни повреди од небрежност и предизвикување пожар од небрежност“, соопшти полицијата на кантонот Вале, каде што се наоѓа Кран-Монтана.
Околу 40 лица загинаа, а стотина се повредени при пожарот кој избувна за време на новогодишната забава во преполн бар во луксузниот ски-центар Кран-Монтана во југозападна Швајцарија.
Првичните резултати од истрагата за пожарот на новогодишната ноќ укажуваат на тоа дека пената на таванот се запалила поради искри од „прскалки“ кои биле поставени на шишиња со пијалак. Пожарот се проширил за многу кратко време.
Сопствениците на барот, брачниот пар од Франција Жак и Џесика Морети, изјавија за медиумите дека се скршени од трагедијата и дека соработуваат со властите за расветлување на катастрофата.
