САД ја запираат обработката на имигрантски визи за 75 земји, меѓу кои и Северна Македонија
Администрацијата на американскиот претседател, Доналд Трамп ја суспендира обработката на имигрантски визи за подносители на барања од 75 земји, соопшти во средата Стејт департментот.
Стејт департментот на социјалната мрежа X (Икс) наведе дека ќе ја запре обработката на имигрантски визи за 75 земји чии мигранти користат социјална помош од американските даночни обврзници во неприфатливо висок обем.
За суспензијата на обработката на барањата за визи првично објави Фокс њуз (Fox News), повикувајќи се на меморандум на Стејт департментот.
Според извештајот на Фокс њуз, меѓу тие 75 земји се Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и Северна Македонија.
Извештајот на Фокс њуз го спомена на X и портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит.
Од европските земји на списокот се и Азербејџан, Белорусија, Грузија, Ерменија, Молдавија и Русија.
Иако Стејт департментот сè уште нема објавено официјален список, во една од објавите на X наведе дека „паузата влијае на десетици земји вклучувајќи ги Сомалија, Хаити, Иран и Еритреја, чии имигранти често стануваат јавен товар за Соединетите Американски Држави по пристигнувањето“.
„Работиме на тоа да се обезбеди великодушноста на американскиот народ повеќе да не биде злоупотребувана“, додаде Стејт департментот.
Суспензијата на обработката на барањата за имигрантски визи од наведените 75 земји ќе започне на 21 јануари, наведува Фокс њуз, додавајќи дека меморандумот им наложува на американските амбасади да ги одбиваат визите согласно важечкиот закон, додека Стејт департментот ги преиспитува своите процедури.
Суспензијата на обработката на визите се совпаѓа со мерките на администрацијата на Трамп против имиграцијата.
Трамп во ноември вети дека „трајно ќе ги паузира“ миграциите од сите „земји од третиот свет“ по пукањето во близина на Белата куќа, во кое, според наведениот извор, учествувал авганистански државјанин и во кое загинал припадник на Националната гарда.
Соединетите Американски Држави долго време одбиваа визи на лица за кои се сметаше дека веројатно на крајот ќе имаат потреба од државна социјална помош, но Стејт департментот соопшти дека сега ќе го користи истото овластување за целосна суспензија на имиграциските визи врз основа на националност, пренесува АФП.
Стејт департментот во понеделникот соопшти дека од враќањето на Трамп поништил повеќе од 100.000 визи, што претставува рекорд за една година.
Министерството за внатрешна безбедност минатиот месец соопшти дека администрацијата на Трамп депортирала повеќе од 605.000 луѓе, а уште 2,5 милиони други ја напуштиле земјата доброволно.
