Од 10 април целосно ќе се воведе новиот систем за влез во ЕУ
Сите земји - членки на Европската унија (ЕУ) ќе мора да го воведат системот за влез/излез (ЕЕС) на сите свои гранични премини од 10 април и да ги регистрираат сите државјани на трети земји што ја преминуваат границата, објави Европската комисија(ЕК).
ЕЕС е автоматизиран систем што го заменува рачното ставање печати на пасошите за државјани кои не се членки на ЕУ и влегуваат во шенген зоната. Системот евидентира биометриски податоци - отпечатоци од прсти и фотографија од лице - како и лични податоци и датуми на патување, со цел подобрување на граничната безбедност, откривање лица кои го пречекориле дозволениот престој и спречување на кражба на идентитет.
Системот ЕЕС беше делумно воведен во октомври 2025 година и ќе биде целосно оперативен во април оваа година.
Службениците на Европската комисија велат дека на земјите-членки ќе им биде дозволено постепено да го воведат системот до 9 април, а тој ќе стане целосно оперативен следниот ден.
Сепак, Европската комисија им остава на земјите-членки одредена флексибилност во неговото постепено воведување, особено за време на таканаречената „шпиц сезона“ во лето.
„Со оглед на загриженоста за претстојната летна сезона, вградена е дополнителна флексибилност за летниот период. Земјите-членки, доколку е потребно, можат да го продолжат периодот на постепено воведување до септември“, потврди портпаролот на Европската комисија, Маркус Ламерт.
Системот ЕЕС ќе се применува на граѓаните кои поседуваат биометриски пасоши, без оглед на тоа дали им е потребна виза за влез во ЕУ или не.
Според регулативата на Европската комисија, одлуките за враќање во некои случаи ќе бидат придружени со забрана за влез (кога периодот за доброволно заминување не е одобрен или кога обврската за враќање не е исполнета), додека во други случаи може да се изрече и забрана за влез.
И забраните за влез и одлуките за враќање ќе бидат евидентирани во ЕЕС. Времетраењето на забраната за влез ќе се утврди земајќи ги предвид сите релевантни околности на поединечниот случај и нема да надминува пет години.
Доколку лицето на кое се однесува забраната се обиде повторно да ја премине шенген границата, влезот ќе му биде одбиен на границата, а податоците за одбивањето ќе бидат регистрирани во системот.
Во одредени случаи, се предвидува и можност за поништување на пасошот при обид за влез.
Новиот ЕЕС систем е воспоставен за да ги направи базите на членките на ЕУ поповрзани за да се олесни следењето на времето и местото на престој и да се осигура дека патниците не престојуваат повеќе од 90 дена во период од шест месеци.
Слични системи веќе се воведени од САД, Канада и Австралија.
