Трамп: САД почнаа „големи борбени операции“ во Иран
Американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека американската војска започнала напади врз Иран.
На социјалната мрежа Truth Social во кратка порака соопшти дека „пред кратко време Соединетите Американски Држави започнаа големи воени операции во Иран“.
„Нашата цел е да ги заштитиме Американците со елиминирање на заканата од иранскиот режим, група сурови и опасни луѓе“, изјави Трамп во видео-порака објавена на таа мрежа.
Тој наведе дека нападите уследиле откако САД повеќепати се обидувале да постигнат договор со Иран.
Додаде дека сега „ќе ги уништат нивните ракети и нивната ракетна индустрија. Целосно ќе исчезнат“.
Израел изврши, како што го опиша, „превентивен напад“ врз Иран на 28 февруари, нагло зголемувајќи ги тензиите на Блискиот Исток и намалувајќи ги надежите за дипломатско решение меѓу Техеран и Вашингтон во врска со иранската нуклеарна програма.
„Државата Израел започна превентивен напад врз Иран со цел да ги отстрани заканите кон државата Израел“, изјави министерот за одбрана Израел Кац.
Двајца високи американски претставници му потврдија на РСЕ/РЛ во Вашингтон дека „американски воени напади“ врз Иран се во тек, додека извештаи од повеќе ирански медиуми објавија за нови експлозии во иранските градови Табриз и Техеран.
Експлозии најпрво беа пријавени во центарот на Техеран, а на социјалните мрежи се појавија фотографии и видеа на кои се гледаат облаци од чад што се издигаат над градот.
Новинската агенција Фарс, поврзана со Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), соопшти дека „неколку ракети“ ги погодиле улиците Данешгах (Универзитетска) и Џомхури (Република).
Засега нема информации за жртви. Агенцијата Тасним, која е блиска до ИРГЦ, објави дека иранскиот воздушен простор е затворен.
По нападот се огласија сирени низ Израел, а израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека им наложиле на жителите да останат во близина на заштитени простории.
Воените власти наведоа дека предупредувањето е превентивна мерка за да се подготви јавноста за можноста од одмазднички ракетен напад.
Нападот доаѓа неколку дена откако Иран и Соединетите Држави ја завршија третата рунда разговори насочени кон решавање на долгогодишниот спор околу нуклеарните активности на Техеран. Нов круг разговори е закажан за следната недела во Виена.
Во меѓувреме, Вашингтон го зголеми своето воено присуство во регионот. „УСС Џералд Р. Форд“, најголемиот носач на авиони во светот, се наоѓа во источниот Медитеран и се очекуваше да пристигне во Израел на 27 февруари.
Ројтерс, повикувајќи се на израелски одбранбен претставник, објави дека нападите биле координирани со Вашингтон.
Први реакции на ЕУ по нападот врз Иран
Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, ги оцени настаните на Блискиот Исток како „опасни“ откако американските сили започнаа воени операции во Иран.
„Иранскиот режим уби илјадници луѓе. Неговите балистички ракетни и нуклеарни програми, заедно со поддршката на терористички групи, претставуваат сериозна закана за глобалната безбедност. ЕУ усвои силни санкции против Иран и ја поддржа дипломатската резолуција, вклучувајќи го и нуклеарното прашање“, објави Калас на платформата X (Икс).
Таа потврди дека разговарала со израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар и со други министри од овој регион, како и дека ЕУ тесно координира со арапските партнери за да разгледа дипломатски решенија.
Калас потврди дека се повлекува неесенцијалниот европски персонал од овој регион со помош на конзуларната мрежа. Таа ја подвлече потребата од заштита на цивилите и предупреди дека меѓународното хуманитарно право мора да биде приоритет.
Шефицата на европската дипломатија потврди дека одбранбената операција за поморска безбедност под водство на ЕУ, под името ASPIDES, останува во состојба на висока подготвеност во Црвеното Море и е подготвена да помогне во одржувањето на отворен морски коридор.
Експлозии во Катар и Бахреин
Експлозии и сирени за воздушна тревога се слушнаа во Доха, главниот град на Катар. Катарското министерство за одбрана соопшти дека „успешно одбиле низа напади насочени кон територијата на земјата“, пренесува Би-Би-Си повикувајќи се на државните медиуми.
Катар е домаќин на воздухопловната база Ал Удеид, најголемиот американски воен објект во регионот.
Освен во Катар, експлозии се слушнаа и во Бахреин. Нивниот комуникациски центар соопшти дека сервисниот центар на Петтата флота на американската морнарица бил „изложен на ракетен напад“, според изјава цитирана од државната Бахреинска новинска агенција (BNA).
Во Бахреин се наоѓа седиштето на Петтата флота, чија зона на одговорност ги опфаќа Заливот, Црвеното Море, Арапското Море и делови од Индискиот Океан.
Немаше непосреден коментар од американската војска, иако американската амбасада претходно ги предупредила граѓаните да побараат засолниште поради пријавени закани од ракети и дронови над Бахреин.
Иран потврди напади врз американски бази
Нов бран експлозии е забележан во Абу Даби, а според пишувањето на Ројтерс, едно лице загинало.
Катар го затвори воздушниот простор по претходните ракетни напади.
Саудиска Арабија ја осуди, како што наведе, „бруталната иранска агресија“ и „очигледното кршење на суверенитетот на Обединетите Арапски Емирати, Бахреин, Катар, Кувајт и Јордан“, иако не потврди дека била цел на напад, и покрај пријавените експлозии во Ријад.
Од Исламска револуционерна гарда тврдат дека нападнале американски бази во Бахреин, Катар и Обединетите Арапски Емирати, вклучително и седиштето на американската Петта флота, и дека операциите ќе продолжат.
Претходно, во главниот град на Бахреин, Манама, како и во Абу Даби, Дубаи, Ријад и Кувајт, пријавени се сирени и експлозии.
