Кои се предностите и недостатоците на новиот МиГ-35
Во Подмосковје пристапија кон тестовите на новиот борбен МиГ-35 од генерацијата 4 ++, соопшти началникот на Обединетата авионска корпорација (ОВК) Јуриј Сљусар за време на својот извештај пред претседателот на РФ Владимир Путин.
Авионот ќе биде прекрасно дополнување за време на копнените операции и за следење на бомбардери. Меѓу другото и на последните модели на КБ Сухој - бомбардерите Су-34, кои се користат активно од Русија во војната со ИДИЛ во Сирија.
Специјалистите ги оценуваат позитивно и изгледите за извоз на новиот МиГ. Според нив машините ќе претставуваат интерес, најпрво, за земјите од Блискиот Исток.
Што всушност е новиот МиГ-35?
Авионот, фактички, претставува радикална модернизација на ловците МиГ-29.
„Во суштина МиГ-35 може да го користи целиот спектар на постоечки и перспективни оружја, вклучувајќи и ласерско. А, самата машина е дизајнирана да води борба во услови на зголемен интензитет - под притисок не само на авиони, ами и на средствата за противвоздушна одбрана на противникот“", изјави за „Руска реч на македонски“ шефот на меѓународната лабораторија „Механика и енергетски системи“ при Универзитетот за информатички технологии Павел Булат.
Сето ова е постигнато благодарение на новиот комплекс патничка опрема, оптичко-локациската станица, а исто така и за неколку пати намалената радиолокациска забележливост.
Со еден линеен лет МиГ-35 може да издигне до 6.5 тони муниција. А, благодарение на новите разработки машината може да пресретнува од 10 до 30 воздушни цели и да нападне истовремено до 6 од нив. При тоа, во радиус од 130 километри за авионот не е важно дали станува збор за воздушни или за копнени цели.
Споредба со „Европејците“ и со „Американците“
Цената на новиот МиГ се движи околу 1 милијарда рубли (16.8 милиони американски долари). И експертите со кои се консултираше „Руска реч на македонски“, го дефинираат ова како една од главните предности на новиот авион пред конкуренцијата - францускиот Rafale чини двапати поскапо.
МиГ-35 / Ројтерс
„Авионот делумно го повторува концептот на американскиот ловец-бомбардер F-18, главниот авион на ВМФ на САД. Секој од нив поседува феноменална аеродинамика и маневрирање. Но, на моторот на МиГ-35 му недостасува сосема малку влеча за да ги победи во овој индикатор „Европејците“ во лицето на Rafale и Eurofighter Typhoon“, забележува Булат.
Експертот е на мислење дека руската машина ќе може да ги мери силите во воздухот дури со американски борбен авион од петтата генерација.
„Во борба со F-35 Lightning II, гигантскиот бегемот со маневрирање на штурмовик, сите адути се на страната на МиГ-35. Но, со F-22 Raptor тоа нема да се случи - МиГ-от може да постигне победа само во сооднос три спрема еден“, нагласува Булат.
Извозен потенцијал
Новата машина е креирана со потенцијал за извоз. Особено за земјите кои активно користат лесни авиони од четвртата генерација МиГ-29. Таквото мислење изрази во интервју за „Руска реч на македонски“ главниот уредник на списанието „Арсенал Отечества“ Виктор Мураховски.
МиГ-35: херојот на „догфајт“
„Прво, за нив ќе пројават интерес земјите од Блискиот Исток. Освен тоа, може да се понуди оваа машина на Индија - во 2011 година веќе беа водени преговори за снабдување на МиГ-35 за Делхи. Но, тогаш ние изгубивме договор за 10 милијарди американски долари и го отстапивме на Французите со нивниот Rafale“, истакнува рускиот експерт.
Внатрешниот потенцијал на МиГ-35
„МиГ-35 треба целосно да го замени МиГ-29 во руската армија. Согласно моите проценки, во вооружување треба да влезат 80-100 парчиња МиГ-35 ловци-бомбардери. А, ловци од 120 до 150 парчиња“, вели Павел Булат.
Но, не сите експерти го делат оптимизмот во врска со новиот авион. Пензионираниот полковник и воен експерт на ТАСС Виктор Литовкин е на мислење дека конструкторите на МиГ-35 се задоцнети со неговото создавање за неколку години.
МиГ-35 / Ројтерс
„Јас сметам дека целиот овој пи-ар околу МиГ и извештајот пред претседателот се направи, за да може Русија да му покаже на светот дека фирмата РСК „МиГ“ е сè уште жива и не ја загубила внатрешната конкуренција со КБ „Сухој“. Требаше на луѓето да се покаже дека фабриката во Луховици во Подмосковјето не умрела и дека во моментов таа има повеќе од нарачки за техника“, изјави за „Руска реч на македонски“ воениот набљудувач.
Тој се однесува скептично и кон идејата за повторното вооружување на лесна истребувачка авијација на Русија со МиГ-35.
„РСК 'МиГ' поседува мала фабрика во Подмосковјето, за него таква задача е невозможна за самостојно извршување. За да се вдахне живот на тоа претпријатие, во него треба да се направат значителни инвестиции, како од страна на државата, така и од странски клиенти“, забележува аналитичарот.