МНР на Русија: Раководството на Црна Гора не го послуша гласот на разумот
Министерството за надворешни работи на Русија „со длабоко жалење констатира дека сегашното раководство на Црна Гора и неговите западни ментори не го послушаа гласот на разумот и совеста“, се вели на почетокот на коментарот на рускиот дипломатски ресор по повод едногласната одлука на Собранието на Црна Гора за влез на земјата во НАТО.
МНР на Русија истакнува дека оние кои гласаа во Собранието за приклучување кон НАТО под изговор за наводната руска закана, ја преземаат врз себе одговорноста за последиците од „спроведувањето на плановите на надворешните сили кои тежнеат да ги продлабочат постојните линии на поделба во Европа и на Балканот, да забијат клин во пријателските односи на Црногорците со Србите и Русите, засновани на длабоките историски традиции“.
Москва ја предупредува Црна Гора за влошување на односите со Русија
„Срамните епизоди на незаконското НАТО бомбардирање на Југославија во кое имаше жртви и во Црна Гора, вклучувајќи и деца, лицемерно се интерпретирани како да е тоа, да речеме, вина на Србија која е во судир со Алијансата. Игнорирана е волјата на речиси половина од населението кое се противи на „приоритетот на НАТО“ во надворешната политика. Каков цинизам треба да се има па без ни малку срам да се изјави дека за таквата одлука не е потребни мислењето на народот, како што тоа пред некој ден го изјави премиерот на Црна Гора Филип Вујановиќ“, се истакнува во документот.
„Имајќи го предвид капацитетот на Црна Гора, Северноатлантскиот пакт тешко дека ќе добие „додадена вредност“. Меѓутоа, Москва не може да ги игнорира стратешките последици од овој чекор. Поради тоа го задржуваме правото да носиме одлуки кои се насочени кон заштита на нашите интереси и националната безбедност“, се заклучува во коментарот на Министерството за надворешни работи на Русија.