Кремљ ги соопшти главните теми на средбата меѓу Путин и Меркел
Претседателот на Русија Владимир Путин и канцеларката на Германија Ангела Меркел на состанокот на 2 мај во Сочи ќе разговараат за клучните меѓународни проблеми, вклучувајќи ги борбата против тероризмот, ситуацијата на Блискиот Исток и реализацијата на „Минската спогодба“, соопшти прес-службата на Кремљ.
Освен тоа, лидерите ќе ја разгледаат актуелната состојба и перспективите на билатералните односи, вклучително и соработката во енергетиката, економско-трговската соработка и соработката во културната и хуманитарната сфера, пренесува РИА „Новости“.
Путин и Меркел на 2 мај ќе се сретнат во Сочи
Се наведува дека шефовите на државите ќе разменат и ставови за претстојниот самит на Г-20 кој ќе се одржи во јули во Хамбург.
Претходно портпаролот на германската влада Штефан Зајберт истакна дека еднодневната посета на Меркел на Сочи ќе биде подготовка за самитот на Г-20.
Последен пат канцеларката на Германија ја посети Русија во 2015 година по повод одбележувањето на 70-годишнината од победата во Втората светска војна.