Во пожар во висококатница во Москва настрадаа повеќе од 30 луѓе
Повеќе од 30 луѓе беа повредени во пожар што избувна во една станбена зграда од 40 ката на југозападот на Москва. 11 лица од настраданите се хоспитализирани, соопшти за ТАСС службата за брза помош.
Московските џинови во пламен
„Вкупно за медицинска помош по пожарот се обратија 31 лице, вклучувајќи и шест деца. Од овие, 11 лица беа испратени во болница, меѓу нив и две деца“, изјави соговорникот на агенцијата. Според него, на 20 лица им е укажана медицинска помош во амбулантите.
Пожарот во 40-катната станбена зграда во комплексот „Дирижабл“ настана вчера во 23:37 часот по московско време на првиот кат поради горење на кабли проследено со голем и густ чад. По час и половина пожарот беше целосно изгаснат. Како што прецизираа од Главната управа на Министерството за вонредни состојби за Москва, единиците за пожар и спасување евакуирале 155 луѓе.
Се наведува дека причина за пожарот може да биде краток спој во кабел.