По помилувањето, Фуџимори бара прошка од Перуанците
Поранешниот претседател на Перу, Алберто Фуџимори, денеска од болница побара прошка за делата што ги направила неговата влада меѓу 1990 и 2000 година, два дена откако беше помилуван од претседателот Педро Пабло Кучински.
„Свесен сум дека резултатите на мојата влада од една страна се добро примени, но исто така признавам дека разочарав дел од моите сонародници. Од дното на душата ги молам да ми простат“, наведува 79-годишниот Фуџимори, кој отслужуваше затворска казна од 25 години за корупција и злосторства против човештвото.
Фуџимори ја објави снимката со неговото обраќање на Фејсбук.
Претседателот Кучински во неделата „хуманитарно“ го помилува Фуџимори, иако во текот на изборната кампања во 2016 година вети дека нема да го направи тоа.
Неговата одлука предизвика политичка криза во Перу, откако во четвртокот Кучински избегна смена во парламентот, благодарение на поддршката од партијата на Фуџимори.
Повеќе од пет илјади луѓе синоќа во Лима протестираа против помилувањето на Фуџимори, барајќи оставка од Кучински, за кого тврдат дека направил политички договор.
Фуџимори, кој има јапонско потекло, е во затвор од 2007 година. Беше осуден за корупција и злосторства против човештвото, зашто им наредил на „одредите на смртта“ да убијат 25 луѓе за време на војната против маоистичките герилци од организацијата „Пат на светлината“. Во саботата беше префрлен во болница поради проблеми со крвниот притисок.