Заев го чува вицепремиерското место за реформи за Алијансата за Албанците
Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека вицепремиерското место за реформи ќе го чува за Алијансата за Албанците, а испразнетите места на замениците-министри од оваа партија кои вчера поднесоа оставки ќе бидат пополнети по Нова година.
Одговарајќи на новинарско прашање, Заев рече дека вицепремиерското место за реформи е важно потпретседателско место и додаде дека на Алијансата за Албанците и биле дадени сериозни институции како Фондот на пензиско и инвалидско осигурување, Имотно-правната служба, Агроберзата и други.
Тој посочи дека не преговарал со ДПА и оти за последната средба со лидерот на партијата Мендух Тачи јавноста била информирана, но не ја исклучи можноста да се случат разговори по Нова година.
"Не би бил чесен ако не кажам дека сакам наместо 61 да имам 65 пратеници што значи и постабилно парламентарно мнозинство. Јас ќе продолжам да разговарам и со помали политички партии и одговорноста на овие ресори морам да ја распределам", истакна премиерот Заев.
Еден дел од испразнетите места, како што посочи, ќе им бидат дадени на помалите партии. Заев се надева дека до 15 јануари ќе бидат пополнети сите испразнети места кои се под надлежност на Владата.