Ајатолахот Хаменеи: „Непријателите“ поттикнуваат насилни протести во Иран
Иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хаменеи ги обвини „непријателите“ на земјата за поттикнување на насилни антивладини демонстрации, во кои загинаа најмалку 22 лица.
„Непријателот секогаш е во потрага по можност и во било која пукнатина да се инфилтрира и да ја нападне иранската нација“, рече Хаменеи.
Ова се први негови коментари од почетокот на протестите на 28 декември. Во извештаите на полудржавната агенција Тасним се вели дека загинал припадник на безбедносните служби кој бил убиен од страна на вооружен демонстрант во центарот на градот Наџафабад.
Ако информацијата се потврди, тоа ќе биде прв смртен случај во службите за безбедност од почнувањето на немирите. Демонстрациите, наводно, се случуваат во десетици градови низ Иран, вклучително во неколку места во Техеран, каде заменик гувернерот Али Асгар Насербахт рече дека досега се уапсени 450 лица.