Каменос бара референдум за името
![Каменос бара референдум за името](https://gdb.rferl.org/F350A5C8-E0E9-4DEB-86F9-AE4C10BEA6F0_w800_h450.jpg)
Лидерот на партијата Независни Грци, Панос Каменос, бара зборот Македонија да не биде содржан во сложеното име што евентуално би се договорило како решение за македонски-грчкиот спор. Во неговата колумна за неделното издание на весникот Демократиа, тој исто така бара референдум за евентуално ново договорено име.
„Грчкиот народ ќе треба да одлучи за ова, без преседан во историјата на човештвото, отстапување на историјата и културата на друг народ“, пишува Каменос и објаснува дека секое е вклучување на терминот Македонија во името би значело пад на грчката култура, историја, уметност и сл.
Како што јавува дописникот на МИА од Атина, коалицискиот партнер во грчката влада, вели дека „одлуката за вклучување на терминот Македонија, ги надминува овластувањата на кој било политичар“. Панос Каменос, во колумната за „Демократиа“, пишува дека владата говори за сложено име со географска одредница, но во програмата на Ципрас, презентирана на почетокот на премиерскиот мандат, никаде, според Каменос, не е споменато дека сложеното име би го вклучило и терминот Македонија.
Кон крајот на октомври минатата година, говорејќи во Солун, Панос Каменос, рече дека е потребно е да се распише референдум и во Грција за името, а три месеци подоцна одново го споменува неговото барање. Претставници на грчката влада од редовите на СИРИЗА, во изминатиот период велеа дека нема да биде потребно одржување референдум во Грција.
Во исто време беше објавено истражување на јавното мислење во Грција, според кое, 68 проценти од Грците се против терминот Македонија да биде вклучен во името на земјава, јави дописникот на МИА од Атина. Според истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Марк“ за грчкиот весник „Прото тема“, 68 отсто од испитаниците одговараат негативно на прашањето дали Грција треба да се согласи за сложено име со терминот Македонија. Позитивен одговор, дале само 23.6 проценти од анкетираните .