Пендаровски: Посетата на Столтенберг во важен момент за Македонија
Националниот координатор на Македонија во НАТО Стево Пендаровски изјави дека посетата на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг се случува во момент кога Македонија се наоѓа на важна крстосница. „Генералниот секретар на НАТО доаѓа да ни даде поттик, во период кога Македонија како држава се наоѓа на раскрсница и политички и безбедносно, во момент кога ги интензивираме преговорите за името со Грција, но и бидејќи Македонија е најстара земја-кандидат за влез во Алијансата“, рече Пендаровски во емисија на ТВ 24 вести. Прашан дали е Македонија ќе влезе во НАТО на Самитот во јули годинава, тој изјави дека Македонија ќе направи се што е во нејзина моќ, да го оствари тоа. „Воопшто не сум сигурен, бидејќи не знам што може да направи другиот партнер. За да го решиме името, нам ни треба најмалку 50 отсто што ќе направат во Атина, бидејќи такво е прашањето. Гарантирам дека ќе се вложиме комплетно, со внимавање на идентитентот, и на сите работи кои се битни за македонската нација. Мојот впечаток е дека грчката позиција е се уште многу ригидна“, оцени Пендаровски. Во однос на решавањето на спорот за името со Грција, Пендаровски оцени дека добар дел од аналитичарите велат дека ќе има референдум за решавање на спорот со името.