Амбасадорот Ангелов : Оптимисти сме за решение
Шефот на македонската канцеларија за врски во Атина Дарко Ангелов во кусото интервју за грчката новинска агенција АНА - МПА , вели дека сега постои контекст што го прави барем малку поверојатно и поодржливо изнаоѓањето решение за прашањето на името во споредба со претходно и додава дека постои позитивна динамика и во двете општества
"По дефиниција сме оптимисти. За нас решението е приоритет веќе 26 години. Очигледно е дека нашата евроатлантска перспектива е заглавена во прашањето за името и во приговорите за уставното име. По дефиниција, треба да бидеме оптимисти за процесот да оди напред. Тоа е она што го правиме во изминатите месеци, се обидуваме да го туркаме процесот, за да најдеме решение. Имаме интензивен дијалог со грчката влада", вели шефот на канцеларијата за врски на Македонија во Атина, за грчката новинска агенција.
Ангелов додава дека треба да бидеме претпазливи. Ако стануваше збор за едноставен случај ќе се решеше до сега, но за жал проблемот се уште не е решен, вели амбасадорот Ангелов.
"Се разбира постојат и многу ризици што во следниот период, можат да го стават во опасност процесот. Ќе видиме. Најважно е дека повторно комуницираме, нешто што не беше случај во изминатите години", вели амбасадорот Ангелов за АНА-МПА, пренесува МИА.