Собрание: Амандманите се уредно примени, прикажаните во јавноста се копии
![Собрание: Амандманите се уредно примени, прикажаните во јавноста се копии](https://gdb.rferl.org/A5B983BB-0799-4AE0-B753-17AF7F3BA7E7_w800_h450.jpg)
Собранието на Република Македонија информира дека сите поднесени амандмани за Законот за употреба на јазиците се уредно примени во собраниската архива и најостро ги демантира наводите изнесени од ВМРО-ДПМНЕ, како и пишувањата во дел од електронските медиуми за наводно фрлени амандмани.
Во соопштението на Собранието се наведува дека поголемиот дел од поднесените амандмани се архивирани, обработени и ставени на е-парламент.
„Со оглед на големиот број на поднесени амандмани Службата на Собранието уредно постапува во рамките на своите задолженија и во текот на денешниот ден, се до целосно завршување на процесот. По спроведена интерна проверка утврдено е дека сите оригинали од амандманите уредно се архивирани и се наоѓаат во собраниската архива. Амандманите прикажани во јавноста се копии од амaндмани кои се уредно внесени во процедура и се веќе објавени на е-парламент, со што се достапни на сите 120 пратеници и на јавноста“, се вели во соопштението.
Од Собранието, информираат дека се е отворено за увид во врска со ова прашање.
„Според утврдената фактичка состојба, наводите изнесени на денешната и синоќешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ се обид за груба манипулација со јавноста и дискредитација на Службата на Собранието”, стои во соопштението од Собранието.
Собранието апелира до политичките субјекти да се воздржат од шпекулации и да не ја дезинформираат јавноста, затоа што тоа штети на угледот на законодавниот дом и на тековните реформски процеси.