Пратениците ги изгласаа измените на Законот за заштита од пушење
Пратениците денеска ги донесоа измените на Законот за заштита од пушење, во скратена постапка. За Законот гласаа 41 пратеник, 14 беа против, а еден воздржан при присуство на 61 пратеник. На седницата не присуствуваа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Во текот на дебатата за Законот беа изнесени спротивставени ставови од пратениците од самото парламентарно мнозинство и дел од нив гласаа против.
„Правото да го загрозиш сопствениот живот е лично, но ако е на тој што живее и работи до тебе, тоа не е до законот туку до стандардите, вредностите и до моралот“ рече Џеват Адеми од ДУИ.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев, кој е еден од предлагачите на измените на законот, рестриктивните мерки што се применуванеле во изминатите осум години не дале резултати бидејќи бројот на пушачи не се намалил, а овие измени се во прилог на угостителството.
„Во сила останува целосната забрана за пушење во затворени објекти. Ниту едно право на непушачите не е нарушено“ рече Тунтев.
Со донесените измени на Законот се предвидува пушењето цигари кое и сега е дозволено во надворешниот дел од објектот - тераса, летна бавча, што е дефинирано дека мора да биде покриен и отворен од три страни, да не зависи од моменталните метеоролошки услови.