Нови санкции од САД за 19 руски поединци
![Нови санкции од САД за 19 руски поединци](https://gdb.rferl.org/39A7E327-8FF8-49F5-A9DE-6BAFD2AD2ECB_w800_h450.jpg)
Одделот за финансии на Соединетите Американски Држави објави нови санкции за 19 руски поединци поврзани со, како што соопштија американските власти, руското вмешување во претседателските избори во САД и сајбер нападите во земјата.
Мерките објавени денеска опфаќаат и лица кои минатиот месец ги посочи специјалниот обвинител Роберт Мулер меѓу кои и бизнисменот поврзан со Кремљ Јевгениј Пригожин и компанијата која наводно ја финансирал, а која се смета за неформална руска фабрика за „интернет тролови“. Меѓу личностите за кои се објавени нови санкции има и припадници на руските разузнавачки и безбедносни служби.
Секретарот за финансии Стивен Мнучин рече дека овие санкции се дел од зголемените напори да се одговори на нападите од Русија.