Турција бара долгогодишен затвор за новинарите на Џумхуриет
![Турција бара долгогодишен затвор за новинарите на Џумхуриет](https://gdb.rferl.org/E711185E-26B9-420F-ADF0-3B99A54B2E17_w800_h450.jpg)
Турското обвинителство денеска побара казни од 7,5 до 15 години затвор за 13 новинари на весникот Џумхуриет, кои се обвинети за „терористички активности“, објавија весникот и турската новинска агенција Анадолија.
Обвинителот рече дека тие и помагале на терористичка организација при што не биле нејзини членови. Обвинети се сопственикот на весникот Акин Аталај, главниот уредник Мурат Сабанџу, истражувачкиот новинар Ахмет Сик, колумнистот Кадри Гирсел и карикатуристот Муса Карт.
Џумхуриет не пренесе колкави казни побара обвинителство за уште четворица соработници на весникот, кои се обвинети во истиот процес.
Организациите за слобода на медиумите го осудуваат засилениот притисок врз медиумите во Турција, особено по неуспешниот воен удар во јули 2016.
Новинарите на Џумхуриет се обвинети за помагање на Курдската работничка партија, екстремно левичарската ДХКП-Ц и на движењето на свештеникот Фетула Ѓулен. Турција ги смета овие три организации за терористички.
Опозицискиот Џумхуриет смета дека обвиненијата се обид за замолчување на последните остатоци од слободни медиуми во Турција.