Српска листа ја напушта косовската Влада
Лидерот на Српска листа, Горан Ракиќ изјави денеска дека неговата партија излегува од косовската Влада. Тој посочи и дека 10-те општини со мнозинско српско население во Косово на 20 април ќе ја формираат Заедницата на српски општини. Според него, одлуката била донесена по консултациите со српскиот претседател Александар Вучиќ по вчерашните случувања во Митровица.
Шефот на канцеларијата на српската влада за Косово, Марко Ѓуриќ и Никола Селаковиќ, генерален секретар на српскиот претседател, беа уапсени вчера во Митровица, а насобраните околу зградата на Митровачкиот двор беа растерани од косовските специјалци со солзавец. Во Митровачкиот двор требаше да се одржи тркалезна маса за внатрешниот дијалог на Косово.