Коѕијас: Грција да не се плаши од компромис со земја која трага по идентитетот
Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас изјави дека името не треба да има иредентистички елементи, треба да биде сложено со географска одредница, со придавка и да разграничува дека не станува збор за грчката Македонија.
„Треба да најдеме сложено име што ќе ја изразува посебноста и географската позиција на оваа држава, а во исто време нема да навредува ниту една од двете страни“, истакна Коѕијас.
Тој во обраќањето на промоцијата на книгата „Македонското прашање“ на Никос Мерѕос уште еднаш посочи дека е неопходна промена на Уставот на Македонија.
Според него, договорот треба да биде стабилен и издржлив и да ја развива довербата меѓу двете страни. Коѕијас порача дека Грција, која е земја со долга историја не треба да се плаши да направи компромис со една мала држава што се уште го нема најдено нејзиниот идентитет.