Тачи го претставил својот план за договор со Србија
Косовскиот претседател Хашим Тачи кој вчера се сретнал со дипломатските претставници на САД, земјите членки на Европската Унија, ОБСЕ, КФОР и ЕУЛЕКС, изјавил дека сега е моментот за голем историски договор меѓу Србија и Косово, кој ќе предвидува и „корекција на границите“. И покрај противењето на Германија и на повеќето косовски партии, Тачи оценил дека доколку во следните неколку месеци не се постигне ваков договор, двете земји ќе продолжат да имаат нерешени односи.
“Не можеме да стоиме во место, во пат позиција. Нема што да чекаме. Заостанување и чекање во решавањето на односите меѓу Косово и Србија навистина ќе претставува повик на тензии, дестабилизација и големи проблеми, не само меѓу нас туку и во целиот регион”, изјавил Тачи.
Според косовскиот претседател, договорот би предвидувал взаемно признавање на двете држави, односно Косово да го добие долго посакуваното српско признавање на неговата независност, и со тоа и место во Обединетите нации. Српскиот претседател Александар Вучиќ, кој заедно со Тачи го отвори прашањето за менување на границите, не прецизираше што тоа би значело, но се претпоставува дека двајцата претседатели разговараат за припојување на мнозинскиот српски север на Косово кон Србија, додека Косово би ја добило Прешевската долина. Тачи ја отфрлил опасноста ваквиот потег да предизвика поголеми тензии во регионот и повици за менување и на други граници.