Украина започна воени вежби со десет земји членки на НАТО
Украина започна заеднички воени вежби во западниот дел на земјата заедно со 10 земји членки на НАТО, во услови на тензии со Русија поради анексијата на Полуостровот Крим и тековниот конфликт во источна Украина меѓу владините сили и сепаратистите поддржани од Русија.
Вежбите „The Rapid Trident 2018“ официјално денеска беа отворени во Академијата на националните копнени сили „Петро Сагаидачни“ во украинскиот западен регион Лавов.
Во вежбите ќе учествуваат 2.200 војници од 14 земји, вклучително САД и девет други земји членки на НАТО. Маневрите е предвидено да се одржуваат до 15 септември.
Украинските сили во вежбите ќе бидат вклучени со 350 единици на воена опрема. За прв пат во вежбите ќе бидат вклучени Украинската погранична служба и трупи на Украинската национална гарда.