Зголемен извоз за над 25 проценти во последните седум месеци
Вкупната размена со странство за периодот јануари - јули оваа година изнесува над 9 милијарди и 100 милиони американски долари, при што бележи пораст од 24,3 проценти, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Според објавените податоци, вредноста на увозот изнесува над 5 милијарди и 195 милиони долари и има раст од 23,3 проценти, а вредноста на извозот е над 3 милијарди и 906 милиони долари и бележи раст од 25,7 проценти. Трговскиот дефицит, во периодот јануари – јули 2018 година, изнесува над 1 милјарда и 289 милиони долари.
Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – јули 2018 година, изнесува 75,3 проценти. Според податоците, Македонија најмногу извезувала катализатори на носачи со благородни метали или нивни соединенија. Во увозот се најмногу застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали.
Според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Македонија најмногу тргувала со Германија, Грција, Велика Британија, Србија и Бугарија.