Ердоган: нападот врз Идлиб може да предизвика „масакр“
![Ердоган: нападот врз Идлиб може да предизвика „масакр“](https://gdb.rferl.org/F1E03C23-7BB0-409C-B9FF-94D8E7AE8974_w800_h450.jpg)
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган предупреди дека нападот врз сириската провинција Идлиб може да предизвика „масакр“, откако владините сили подготвуваат голема офанзива против последниот регион под контрола на бунтовниците.
„Може да се случи сериозен масакр ако таму има дожд од проектили“ изјави денеска Ердоган пред новинарите пред враќањето од официјалната посета на Киргистан.
Ердоган зборуваше за како што го опиша „многу немилосрден процес“ кој се одвива во Идлиб, предупредувајќи на ризикот дека тешките борби ќе предизвикаат прилив на бегалци во Турција.
Коментарите на Ердоган доаѓаат откако сириските трупи беа во близина на северозападната провинција која се граничи со Турција, за да започнат голема офанзива за преземање на последниот регион кој го држат бунтовниците кои се борат против силите на сириската Влада.
Русија, клучниот сојузник на претседателот Башар ал-Асад, продолжи со воздушните напади врз Идлиб на 4 септември по 22 дена пауза, при што беа убиени 12 лица, соопшти Сириската опсерваторија за човекови права.
Во Идлиб живеат околу три милиони цивили, а Обединетите нации предупредија дека околу 800 илјади луѓе би можеле да бидат принудени да ги напуштат нивните домови при големата владина офанзива. Во војната досега загинаа околу 400 илјади луѓе, а милиони се раселени.