Шекеринска: светот дава поддршка Македонија да стане дел од НАТО и ЕУ
Посетата на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, која се случува втор пат во помалку од осум месеци, е пример и доказ дека нашата земја може да стане члена на Алијансата, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска при посетата на припадниците на Воздухопловната бригата на АРМ. Таа додаде дека на 30 септември граѓаните на Македонија имаат шанса со својот глас да обезбедат да станеме 30 членка на НАТО.
„Светот ја поддржува Македонија и тоа овие денови станува многу јасно и видливо. Во една година првпат ни се случува генерален секртетар на НАТО да ја посети нашата земја која се уште не е членка на Алијансата. Во само два дена ќе ги имаме канцеларите на Австрија и Германија во посета на Македонија. Тоа покажува дека светот навистина го цени тоа што се случува во Република Македонија и дава силна поддршка на нашите две стратешки цели членство во ЕУ и НАТО“, истакна Шекеринска.
Според неа, светот дава поддршка само доколку се знае што се сака, а тоа, како што рече, Македонија во изминатава година покажа дека не ја бара нивната поддршка само со зборови ниту без резултати.
Шекеринска потсети дека оваа недела беше распишан конкурс за осум воени пилоти и ги повика сите млади кои, како што рече, ги привлекува ваква престижна и дефицитарна кариера да се пријават на конкурсот. Пред хангарот на Воздухопловната бригада во касарната во Петровец министерката Шекеринска изврши увид на ремонтираните транспортни хеликоптери од типот Ми-8 и два неодамна ремонтирани борбени хеликоптери од типот Ми-24.