Штрајк на вработените во мигрантскиот камп Морија на Лезбос
Вработените во мигрантскиот камп Морија на Лезбос, кој, со 8.000 мигранти, е најнаселен камп на грчките острови, најавија дека од утре почнуваат со штрајк поради пренатрупаноста на центарот, додека владата признава дека ситуацијата е на работ на издржливост. Во кампот со 3.100 места, официјално се регистрирани 8.388 мигранти, велат вработените.
Тие бараат зголемен полициски надзор, за да се заштитат и локалното население, и вработените. Тие најавија штрајк со извршување на минимум обврските од утре, и целосен прекин на работата од понеделник.
Грчкиот министер за мигрантска политика Димитрис Вистас признава дека ситуацијата е „многу тешка, односно дека е на границата на издржливост“. Властите се обидуваат да го забрзаат префрлувањето мигранти кои се сметаат за загрозени, односно кои имаат право на азил во ЕУ и можат да го напуштат островот, но не престануваат да пристигнуваат нови од Турција, иако според мигрантскиот договор со ЕУ, Анкара требаше да го запре приливот.
Од 1 мај до 30 август, речиси 4.000 мигранти биле испратени на Континентот, но нови 5.5 илјади пристигнаа на Лезбос, рече Вистас и оти затоа Грција инсистира на распределба на бегалците ширум Европа.